Ивана Мирчевска

Ивана Мирчевска
МК
уметница

Ивана Мирчевска (1992, Скопје) е визуелна уметница и истражувачка чијашто пракса е вкоренета во медиумите засновани на време, визуелна антропологија, студии на меморија и сликарство. Експериментирајќи со хибриден жанр на  документарната форма таа е заинтересирана за тоа како технологијата на перцепција создава субјективитети. Поточно, таа ја истражува амбивалентноста на сликата при (ре)презентирање на реалноста на трудот, полот, медиумите, надзорот, со цел да го потенцира естетскиот потенцијал на индивидуалното и колективното тело за да генерира одржливи предлози и стратегии. Во рамките на „есеистичката“ пракса, нејзините дела најчесто го опфаќаат форматот на слики во движење, архиви и инсталации. Ивана своите магистерски студии ги зaвршува на Акдемијата за уметности Брера во Милано, Италија. Таа има учествувано на ENGAGE - Public School for Social Engagement in Artistic Research, курирано од Viafarini, Милано, Италија, Fuori Visioni 3 - Фестивал на современа уметност, Museo Civico di Storia Naturale, Пиаченца, Италија (2017), Мултимедијалниот фестивал „Под земја полесно се дише III” Скопје, како и на Биеналето на млади уметници, МСУ, Скопје (2018). Ивана е дел од кураторскиот тим на фестивалот „Под земја полесно се дише“ организиран од уметничкиот колектив Кула.

Top