Страв од феминизам?

Актуелните медиумски репрезентации и доминантните институционални и политички расправи ја карактеризираат нашата денешница како време во кое глобалната историска борба за правата на жените е добиена битка и родовата еднаквост е остварена и присутна во секоја сфера на општествениот, политичкиот и културниот живот. Потребата од остра, продлабочена и интензивна критика која би продрела во коренот на проблемите произлезени од родовата поделба, уредување и организација на општествениот живот се чини како слика на минатото што денес со гордост го изучуваме како историска епизода и завршена приказна.

Меѓутоа, состојбите на пазарот и поделбата на трудот, културните репрезентации, распределбата на моќ, организацијата на општествените институции, глобалните миграции и родово организираната мобилност на работната сила и вреднување на трудот, сеуште закоравените стереотипи во поп-културата, и цврстата и нормализирана поделба на родовите улоги во бипартитниот родов систем, укажуваат на фактот дека сексизмот, мизогинијата и родовото насилство сеуште демнат во секој агол од медиумите, интернетот, и се разбира во семејниот, општествениот и политичкиот живот. Стигматизацијата и негативните „кампањи“ насочени против феминизмот, кои истиот го банализираат претставувајќи го како движење што има за цел мажите да ги подреди на жените, и против сите индивидуалки и активистки кои своите политички заложби ги дефинираат како феминистички, се најдобар пример за анксиозноста и предрасудите на конзервативниот и паланечки општествен ум наспроти феминизмот како мислење, движење и критика на доминантните општествени модели на организација на половиот живот.

Мотивирани од оваа состојба, ние, активистките од „Тиииит! Инк.“, „ЛезФем“ - Хелсиншки комитет за човекови права“, „Бори се женски“ и Коалицијата “Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, решивме да организираме Школа за феминизам, со цел да поттикнеме проблематизирање на овие предрасуди и дилеми, како и критичко промислување на општествените активности и нивните обмислувања и модели во правец на родова еднаквост и трансформација.

Школа за феминизам - 9 предавања.

Сестри аутсајдерки - регионален лезбејски форум.

фемоар - публикација за женското движење во Македонија. Избери јазик: МК // ALB // ENG

Проектот „Едукација и акција за промоција на женските права“ на Тиииит! Инк. е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.