Вибратор за култура

Министерството за култура на Полска реши да го одложи Женскиот филмски фестивал HER DOCS во Полска, на неодредено. Во последен момент, само ден пред почетокот на програмата, што требаше да се случи на 4 март, Министерството за култура на Полска издаде наредба да се стопира програмата и да се отпушти организаторот на фестивалот, Дариус Виеромиејчик.

Заради ваквата одлука, организаторите беа принудени да изнајдат алтернативна платформа преку која би ја одржале филмската програма. Па така, фестивалот се одржа од 8 до 12 март.

Министерот за култура Пјотр Глински образложил дека ваквата одлука се должи на два филма кои биле дел од програмата за филмска проекција. Станува збор за анимираниот филм You Don’t Have Distance, на Карина Пачорковска и краткиот филм Vibrant Village на Вероника Јуркиевич. Очигледната порака која министерството ја испраќа со оваа цензура е дека присуството на женски приказни не е посакувано.

Организаторот на фестивалот Дариус Виеромиејчик, писмено му се обратил на Министерот, со цел да ја отповика одлуката на Министерството за култура:

,,Овие филмови говорат за проблемите со кои се соочуваат современите жени денес. Нема ништо шокантно, деструктивно или морално одбивно во овие филмови. Голем дел од нив освоија неколку фестивалски награди. Јас стојам на тоа  дека промената на селекцијата на филмови еден ден пред фестивалот ќе се смета за необјаснива и ќе ја уништи сликата за фестивалот.’’

Во последниве неколку години, голем дел од луѓето во Полска формираа организирани отпори против конзервативните политики на популистичката десничарска влада. Било тоа да се масовни протести против додатни забрани за абортус, или забрана за посвојување на деца од страна на истополови парови - дури и како самохрани родители, организираните отпори против власта не им се непознати на граѓанките/ите на Полска. Конзервативните политики на националистичката партија на власт поставуваат широк фронт за угнетување на човековите права, а цензурата на овие дела е уште еден срамен пример за ваквите опресивни практики.



Во прилог може да го погледнете краткиот филм на Вероника Јуркиевич - Vibrant Village. Нека не ве лаже насловот, селото е всушност едно мирно, обично и навидум досадно место каде се крчка потенцијалната возбуда за многу жени. Погледнете:


Извори:
https://dailynewshungary.com/short-film-on-a-hungarian-vibrator-factory-caused-a-scandal-in-poland-video/?fbclid=IwAR3AblliqVFEz9QhNUdLbj6xxikBNEITP3Lerg0tgEzxW4W4bDlktDNTh_c

https://pen.org/press-release/pen-america-condemns-suspension-of-polish-womens-film-festival/