Во сеќавање на Нада Лер-Софрониќ

На 05.05.2020 почина Нада Лер-Софрониќ, феминистка, активистка и универзитетска професорка, една од ретките жени во периодот на 60-тите и 70-тите години кои се посветувале на борбата против предрасудите, стереотипите и дискриминацијата на основа на вера, нација, боја на кожа, пол и род. Преку својот академски и општествен ангажман таа застапувала негување на култура на ненасилство во социјалниот, политичкиот, јавниот и приватен живот. Била пример и инспирација за голем број млади и нејзини студенти. По тој повод, го преведовме нејзиното последно интервју од минатата година, објавено на Knjiženstvo, списание за студии на книжевност, род и култура. Нада во своите одговори нуди интересен преглед, мора да потенцираме дека и доста прецизен, за контекстот во Југославија, уште од своите најмлади, па сѐ до академските години на нејзиниот живот, како и нејзиниот поглед кон сегашните феминистички појави. Особено се интересни деталите за издавачката политика во тоа време, академската сцена, возбудливата 68', првата феминистичка конференција во Југославија... Уживајте...

 

Сѐ уште ни треба стариот Маркс

Интервјуто со Нада Лер-Софрониќ го водеше Дубравка Ѓуриќ

Нада Лер-Софрониќ е родена во окупирано Сараево во 1941 година во угледно еврејско семејство. После криење, бегање и живеење по логори за време на Вторвата светска војна, од Сараево преку Дубровник, Корчула и Бари, само членови на најблиското семејство се вратиле во Сараево во 1946 година. Речиси две децении подоцна, во 1965 година, Нада ги завршува студиите по психологија на Филозофскиот факултет во Белград и почнува да работи како асистентка, а подоцна и професорка на Факултетот за политички науки во Сараево по предметот Социјална психологија. Од раните 70ти години на минатиот век пишува за проблематиката на положбата на жените. На факултетот за политички науки во Белград во 1982 година, докторирала со дисертацијата Марксизмот и ослободувањето на жените, што е прва феминистичка теза одбранета во СФРЈ. Дел од оваа теза е објавен и во книгата Неофеминизмот и социјалистичката алтернатива од 1986 година. Нада, меѓу другото, ја иницирала познатата феминистичка конференција Drug-ca žena. За време на војната во Босна и Херцеговина престојувала во Рим, Белград и Будимпешта, а потоа се враќа во Сараево каде што, сѐ до заминувањето во пензија, раководи со центарот Žena i društvo.

Во неодамна објавената книга #Žene BiH[1], во која се претставени повеќе од 50 жени важни за историјата на БиХ, нашата соговорничка е истакната како една „од првите и најзначајни феминистички теоретичарки и активистки од нашиот регион“.

***

Д.Ѓ.: За почеток кажи ни нешто за своето школување во социјалистичка Југославија.

Н.Л.С: Моето школување почна непосредно по Втората светска војна, 1947 година во Сараевското Деветто основно училиште, кое се наоѓаше на левиот брег на реката Миљацка: сега во таа убава зграда во нео-ориентален стил (која во војната инаку беше могу запуштена) се наоѓа Иранската амбасада.

Едвај чекав да се запишам во училиште и, кога конечно седнав во училишната клупа, бев најсреќното дете во светот. Училиштето, клупите, таблите, сунѓерите и кредите, катедрата, книгите – беа и останаа природен амбиент во кој секогаш најдобро се чувствував.

Беше тоа време на „обнова и изградба“, работни акции, недостиг на храна, бонови и точки со кои се добиваа неопходни намирници, време на диди-ци и пепеин-прашок за уништување вошки во косата. Поголемиот дел од децата, вклучувајќи ме и мене, имаа инфилтрати на белите дробови и „проширени хилуси“. Кога мајка ми еднаш успеа за мене да издејствува едно пакување путер, мислев дека тоа е сапун.

По ѕидовите на институциите имаше слики од Сталин, Ленин, Маркс и Енгелс и Тито. По 1948 година, главно остана Тито, често во друштво на Маркс и Енгелс кои за мене беа некои митски, забрадени двајца кои личеа на Дедо Мраз. Исчезнаа паролите „Да живее другарот Сталин“, а останаа „Да живее другарот Тито“, „Да живее комунистичката партија“.

Знаев што се антифашизам и социјализам, за тоа најмногу слушав дома. Темите околу општественото уредување, нормално во склад со возраста, многу ме интересираа. Во врска со ова, мајка ми секогаш со смеење ја прераскажуваше анегдотата во која јас, на прашањето „што е добро во социјализмот?“, како од топ сум одговорила: „Тоа што се девојчињата и момчињата еднакви“. Не беше вообичаено такво нешто, со толкава сериозност и убедување, да каже девојче кое тукушто се запишало во училиште.

Потоа завршив во сараевската Класична гимназија, за мене тогаш најдоброто училиште во светот. Тука се создадоа темелите на моето целокупно понатамошно образование. Во тоа училиште со традиција (тука учеле и нобеловците Иво Андриќ и Владимир Прелог) учевме грчки, латински, историја на уметност, филозофија, психологија, ликовно образование, живи јазици... низ таквото школување и таа домашна клима се формираше и мојот хуманистички поглед на светот, мојот антиавторитарен рефлекс, критичкиот однос кон неправдата и дискриминацијата. Тука се формираше и моето credo дека емпатијата, чувството за најранливите и најугнетените, се претпоставка за секој општествен ангажман. Тука се обликуваа и моите критериуми за убавото и љубовта кон природата.

 

Д.Ѓ. Кои професори или протагонисти на тогашната југословенска теориска сцена беа пресудни за твојата работа?

Н.Л.С.: Се запишав на Филозофскиот факултет во Белград, на Отсекот за психологија на кој и дипломирав. Поттикната од професорот Никола Рот, кој предаваше социјална психологија, почнав да ги читам авторите од Франкфуртската школа, односно критичките општествени теории – Адорно, Фром, Маркузе, Хабермас, Хоркхајмер. Го читав тогаш и Вилхејм Рајх и неговата Масовна психологија на фашизмот.

Всушност, ги читав сите автори и авторки чиј фокус беше демистификацијата на општествените стуктури кои доминираат и ги угнетуваат луѓето. Централен предмет на критиката на нео-марксистите беше сложениот социјално-психолошки конструкт наречен авторитарност. Во текот на раните 70ти, кога веќе запловив во нео-феминистичките води, се сретнав со податоци за првите италијански женски групи за самоосвестување (1966) кои се викаа DEMAU – демистификација на авторитарноста.

Авторитарните структури за кои сметав дека се најстари, најотпорни и најприлагодливи на сите општествени системи се оние кои го условуваат милениумското угнетување на жените – патријархалноста и антагонистичкиот принцип на релацијата маж – жена.

Мислам дека за научен ангажман во хуманистичките науки е најважно да се има изострен сензибилитет за општествена неправда. Тој сензибилитет, пред сите останати, го негуваше и ми го всади мојата мајка Едита. Нејзиното влијание беше пресудно. Таа беше интелектуалка со остар ум, левичарка, идеалист, со голема љубов и разбирање за луѓето. Кога била судијка за малолетници, нејзините делинквенти ја сакале и ја сметале за пријателка.

Ме поттикнуваше јавно да го говорам она што го мислам, да не се плашам од публиката и да не дозволувам да ме совладува тремата, бидејќи таа самата исклучително се плашела да говори пред публика и сметала дека е тоа сериозен, типично женски хендикеп. Не дискутирала дури ни на партиските состаноци.

Што се однесува до теориската сцена, блиски ми беа теоретичарите околу Praxis[2], иако нивниот сензибилитет за „женското прашање“ беше навистина дефицитарен.

 

Илустрација за #ŽeneBiH, Наташа Крагуљ

 

Д.Ѓ.: Читајќи ја твојата книга Неофеминизам и социјалистичка алтернатива, објавена 1986 година, ми се наметнаа многу прашања. Можеш ли да ни кажеш нешто за југословенскиот марксизам во тоа време?

Во тоа време во водечките списанија за општествена теорија (Marksizam u svetu, Marksističke sveske, Pogledi, Opredjeljenja, Argumenti, Vidici...) почнуваат да се појавуваат антидогматски текстови кои го критикуваат етатистичкиот социјализам и некои од бетонираните марксистички догми. Преведувани се странски автори, кои беа на таа линија.

Јас, на пример, пишував и докажував дека појавата на приватната сопственост не беше примарна причина за антагонизмот на општеството, дека е оваа марксистичка догма е погрешна бидејќи подредувањето на жените, угнетувањето и трговијата со жените постоеле долго пред појавата на приватната сопственост. Разнишана е и идејата за работничката класа како ексклузивен субјект на револуцијата. Новите социјални движења отворија еден шарен спектар на потенцијални мотори на радикалните општествени промени – од неофеминистичкиот, кој беше највлијателен, преку еколошкиот, антинуклеарниот, сѐ до движењето за разоружување и мировните движења.

Во 1983 кај нас се појави превод на познатата книга на Андре Горц, Zbogom proletarijatu (напишана 1978) во едицијата Алтернативи, во која излезе и мојата книга. Уредници на книгата на Горц беа Мирослав Печујлиќ и Вукашин Павловиќ, прекрасен предговор напипша Зоран Видаковиќ. Тој текст сериозно ја промени традиционалната марксистичка догма за работничката класа како ексклузивен субјект на револуцијата. Разнишана е тезата за „трудот и капиталот“ како единствен битен антагонистички однос. Почна да се артикулира поимот на новата класа која настана, како некој беше рекол, од бракот на неолиберлизмот и глобализацијата. Го доби името прекаријат. По мое мислење, жените со сите свои карактеристики на „резервна армија на трудот“ на „послабиот слој“, имаат централна улога во прекаријатот.

Епохалното дело Glavni tokovi marksizma, на Лешек Колаковски е објавено 1978, а кај нас е преведено 1983 година. Во тоа време тоа е најобемната критичка анализа на марксизмот. Во тој период еврокомунизмот омекнуваше и демократизирајќи добар дел од комунистичките партии на Западот.

 

Д.Ѓ.: Го воведе поимот неофеминизам во контекстот на социјалистичката и југословенска научна заедница. Што тој тогаш значеше?

Н.Л.С.: Во 80тите години од минатиот век со подемот на неофеминистичките иницијативи во развиените западни земји, односот меѓу марксизмот и идеите и теориите на Движењето за ослободување на жените се најде во самиот центар на тогашните актуелни оптествени истражувања во светот. За ова сведочи порастот на литературата и научно-истражувачките трудови од сите општествени науки кои се занимаваат со положбата на жената и можностите за нејзиното ослободување. Неофеминизмот се раѓаше во повеќекратен критички однос: кон граѓанското општество и неговите ретроградни процеси; кон статичките, конзервативни, догматски и политички структури на етатистичкиот социјализам; како и кон анахроните заостанати идеи на значаен дел од работничкото движење.

Женскиот бунт, кој во своите дела го нарекувам неофеминизам, добиваше специфична тежина на потенцијално голема општествено-историска промена. Во рамките на оваа литература се јавуваше се поголем број на критички расправи со марксистички премиси и, што е особено важно, во полемички однос кон марксизмот. Тука негде спаѓа и мојата книга Neofeminizam i socijalistička alternativa.

Но, секако, не беше само литературата која се занимава со жената во современото општество релевантна за мојата работа на пример, појавата на епохалното дело Анти-Едип: Капитализам и шизофренија на Делез и Гатри, во 1971 година, кое кај нас е прилично доцна преведено, и тоа како беше важно за мене. Тој вид на критика на институционалниот марксизам и психоанализа ме поддржа во уверувањето дека не згрешив кога почнав интензивно да ги совладувам социологијата, марксизмот и политичките теории, иако моето примарно универзитетско образование беше психологија. Така се случи да докторирам на интердисциплинарната студија на факултетот по политички науки во Белград.

Тоа беа, едноставно координатите на мојот вкупен научен и активистички ангажман, на основа на кој почнаа да ме перцепираат како феминистка.

 

Фото: Имрана Капетановиќ за #ŽeneBiH

 

Д.Ѓ.: Следното прашање е врзано за значењето на 1968 година и бунтот на младите како во светот така и во СФРЈ. Каде си ти во тие случувања?

Н.Л.С.: Јас тогаш бев асистентка на Факултетот по политички науки во Сараево. Се сеќавам на духот на тоа време, полн полет и ентузијазам. Ширум светот младите луѓе го освојуваа правото на бунт, се бореа против растечките социјални разлики, кај нас против црвената буржоазија, против извозот на нашата работна сила и слични појави. Беше тоа последното глобално левичарско движење и последното лево движење кое ја зафати цела СФРЈ. Во Сараево будно се следеше што се случува во Белград, Загреб, Љубљана... студентите во Сараево излегуваа на улиците и, секако, беа тепани од полицијата. Се солидаризираа со студентите, кои во Белград, кај подвозникот, беа брутално претепани. Гледав на ТВ како полицијата немилосрдно је потиснуваше и тепаше младината. Се сеќавам дека бев особено погодена од тоа како ги тепаа девојките – забележав дека тие се најмногу тепани бидејќи беа во првите редови и последни се повлекуваа. Добро помнам дека се прашував што ќе биде со тие девојќи – ќе бидат ли во првите редови и кога, ако победиме, ќе се дели општествената моќ, или, како и обично, ќе бидат потиснати на маргините. Веќе и во самото движење беа на маргините – ги немаше на говорниците, не изнесуваа специфични женски барања, не беа лидерки. Некако ми се чинеше дека во целокупното движење од 68’, макар и масовно присутни, по своето влијание и значење беа речиси невидливи и дека понизно ги почитуваа своите другари во хиерархијата на Движењето.

Неофеминистичкиот бунт се појави и пред 1968 година, во женските леви кругови на Западот, но во бранувањата од 68’ не зазема некое важно место. Сепак, мојот феминистички ангажман директно произлезе од 1968, со разочарување што левичарското движење не ги зема предвид специфичните проблеми на жените и немаше критички однос во однос на патријрхалноста[3] и андроцентричноста во сопствените редови. Тогаш открив дека е неопходно, во сите леви движења, женскиот наратив да биде автономен и своите барања да ги артикулира самостојно и јасно, со свој автентичен глас да ги изнесува на јавната сцена. Да не се чека да се решат некои други „поважни“ прашања, а женските на крај, сами по себе, ќе дојдат на ред.

Како ни традиционалната комунистичка левица, така ни Движењето од 68’ не ја обелодени ноторната вистина дека во секојдневниот живот, жената работничка, жената на село, жената мајка, жената родилка, жената партиска другарка е, по својот статус, всушност пролетер на мажот. Затоа и го избравме она славно мото на конференцијата кја ќе а организираме во Белград 10 години подоцна: „Пролетери на сите земји – кои ви ги пере чорапите?“, алудирајќи, секако, на марксовиот и енгелсовиот повик од Комунистичкиот манифест „Пролетери од сите земји, обединете се“.

 

Д.Ѓ.: Поминаа 40 години од првата меѓународна конференција за положбата на жените во светот и кај нас, Drug-ca žena, Novi pristup. Таа се смета за култна точка во феминистичката меморија на бивша Југославија, а минатата година во март објавен е во Il manifest  твојот текст „Bauk (feminizma) kuca na vrata Istoka”, посветен токму на годишницата од конференцијата Drug-ca žena. Каков беше социо-културниот и политичкиот контекст во кој ја организиравте?

Н.Л.С.: Ја организиравме во земја која тогаш се викаше Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Во поширока светска перспектива, беше тоа време на полет на нови либертерски социјални движења во развиениот индустриски свет: неофеминистичкото, еколошкото, антинуклиерното, мировното. Беше тоа бурно време на разбудени утописки енергии. Најсилното и највлијателното меѓу тие движења беше токму неофеминистичкото.

Феминистичката критика на слепилото за специфични женски прашања беше упатена како кон догматскиот марксизам и конзервативната левица, кои ги красеа и нашите социјалистички простори, така и кон новата левица од 68’ на која главно припаѓавме и во чие движење мажите главно беа на говорниците, а жените покрај печатачите и решоата за варење кафе. Ја критикувавме андроцентирчноста на новата левица, кој не се разликуваше многу од онаа со која се одликуваше традиционалната комунистичка левица.

Предмет на нашата критика беше родово-неутралната теорија и практика на западната демократија, демократија без жени на местата на клучно одлучување. Повикавме жени од нашата земја и од индистриски развиените западни земји со кои имавме слични убедувања. Жени од универзитетите, новинарки, жени од областа на уметноста, психологијата, социологијата, филозофијата, писателки, жени кои веќе ја артикулирале својата критичка позиција. Сакавме да се сретнеме во живо и да поразговараме за патријархалноста која е, наспроти големите разлики помеѓу нашиот и нивниот социо-политички контекст, цврсто вкоренета во обата наши системи на речиси идентичен начин.

 

Фото извор

Д.Ѓ.: Кој го сочинуваше концептуалното и организационо јадро на конференцијата?

Н.Л.С.: Јас дојдов од Сараево каде што тогаш бев асистенка на Факултетот по политички науки, ѝ предложив на помладата колешка Жарана Папиќ да се обидеме собирот да го организираме во Белград, а таа воодушевено прифати и ја пренесе идејата на Дуња Блажевиќ, која тогаш беше директорка на Студентскиот културен центар. Така сѐ започна. Јасмина Тешановиќ ги доведе италијанките, бидејќи таа тогаш живееше во Рим.  

 

Д.Ѓ.: Кои беа учесничките и учесниците на конференцијата?

Н.Л.С.: Списокот е долг, но важно е да се забележат оние кои биле присутни, како и оние кои, иако беа најавени, не дојдоа. Значи, од Велика Британија дојдоа Хелен Робертс, Парвин Адамс, Џил Луис, Диана Ленард-Саркар; од Франција – Нати Гарсија, Нил Јалтер, Кристин Делфи, Катрин Надо; од Полска – Ева Моравска. Од Унгарија дојде Јудита Келе, од Италија беа Дача Мараини, Карла Равајоли, Кјара Сараќено, Ан Мари Бети, Мануела Фрере, Анабела Мискуљо, Мариа Роса Ќутруфели, Аделе Камбриа. Од Германија беше Алис Шварцер. Најголемиот број учесници и учеснички беа од СФРЈ: од Загреб дојдоа Гордана Цејана – Летица, Надежда Чачиновиќ – Поховски, Славенка Дракулиќ – Илиќ, Ружа Фирст – Дилиќ, Божидарка Фрајт, Ѓурѓа Милановиќ, Весна Пусиќ, Весна Кесиќ, Лидија Склевицки, Јелена Зупа; од Белград – Весна Драмушиќ, Рада Ѓуричин, Рада Ивековиќ (таа живееше на релација Белград - Рим), Драган Клајиќ, Анѓелка Милиќ, Милош Немањиќ, Живана Олбина, Борка Павиќевиќ, Весна Пешиќ, Милица Посавец, Вера Смиљањиќ, Вук Стамболовиќ, Карел Турза, Љуба Стојиќ, Соња Дрљевиќ, Биљана Томиќ, Даница Мијовиќ, како и веќе споменатите Дуња Блажевиќ, Јасмина Тешановиќ и Жарана Папиќ. Од Нови Сад беше Каталин Ладик, од Сараево бевме Зоран Видаковиќ и јас, од Љубљана Силва Нежнариќ и од Ријека Мира Оклобџија и Слободан Дракулиќ.

Утврдено е дека на собирот учествувале и Летиција Паолоци, Лучана Вивиани, Џулијана Сгрена од Италија, Ивет, Жил и Елза Бон од Франција. Беа поканети, но не присуствуваа Ен Окли, Бранка Магас, Џулиет Мичел и Шила Роботом од Велика Британија; Елизабет Рејси, Марија Антониета Макиоки, Дарио Фо, Франка Раме и Ида Маљи од Ителија, како и Елен Сиксу, Симон де Бовоар, Лис Иригаре и Јулија Кристева од Франција, Сузан Зонтаг и Луси Липард од САД, Илона Ловаш од Унгарија како и Ида Бјард од Хрватска.[5]

 

 

Фото извор

 

Д.Ѓ.:Каква беше атмосферата на собирот?

Тоа беше прво појавување на југословенскиот неофеминизам на јавната сцена. Бурен собир, панели без формално раководство, преполни сали, се останува вон дневниот ред до касно во ноќта, се дискутира, личното е политичко, приватното е јавно, се прикажуваат филмови, изложби за сексизмот околу нас, странските феминистки не пуштаат мажи во салата, нашите сметаат дека тоа нема смисла, за малку да го исфрлат од салата Слободан Дракулиќ кој беше вистински феминист.

Угледната новинарка Слободанка Аст, една од ретките која беше на наша страна, собирот го опиша вака: „...Што беше тоа што ја држеше и публиката и покачената температура? Можеби, сепак, новиот пристап, новите погледи, новиот јазик и неконвенционалните тонови со кои се говореше за „женското прашање“. Сѐ, на крајот на овој петодневен собир, беше далеку од оној невешт, неартикулиран, шифриран јазик на рефератот кој е тешко да се проголта и со литро минерална вода...“. Ова е објавено во НИН, 12 ноември таа 1978 година.

 

Д.Ѓ.: Како одекна собирот во јавноста?

Н.Л.С.: Од страна на мејнстрим политиката и медиумите собирот беше дочекан на нож. Бевме „буржујски феминистки“ и, парадоксално, истовремено оквалификувани како „Тројански коњ на новата левица“, а феминизмот беше „увезен од Западот“. Сепак, Drug-ca го проби мразот. После неа ништо веќе не беше исто. Веќе никој не можеше да каже, а да не испадне смешен, дека женското прашање кај нас е решено, дека дискриминацијата и надексплоатацијата на женскиот труд во нашиот самоуправен социјализам не постои, дека кај нас нема насилство над жените...

Не постоеше ниту едно посериозно југословенско списание за општествена теорија и пракса кое држи до себе, а кое не бараше и не почна да објавува наши текстови.

 

Фото извор

 

Д.Ѓ.: Во што се разликуваше југословенскиот контекст од оние на другите земји од Источниот болк позади Железната завеса.

Н.Л.С.: Југославија, благодарение на својата отвореност за нови идеи во општествената наука и култура и веќе постоечките интелектуални и културолошки јадра на феминистичката критика на општеството, беше прва земја од социјалистичкиот блок која беше заплисната од т.н. втор бран на феминизмот. Собирот беше одржан во земја на реалниот социјализам, во социјално-политички амбиент во кој феминизмот сам по себе значеше нешто лошо, како во приемот на левата партиска догма, така и во патријархалното и сексистичко јавно мнение. За догматскиот партиско-државен апарат залагањето за посебните интереси на жените, како и за правото на разлика, беше сериозен ерес. Бирократскиот партиски апарат, прашањата за положбата на жените ги буткаше под тепих, а ние не сакавме тие таму и да останат. Ако ништо друго, за почеток ги направивме видливи.

„Што сакаат тие жени?“, се прашуваше малограѓанското јавно мислење. А беа тоа времиња на ползечка ретрадиционализација на женската улога и десекуларизација на општеството кои, како сега гледаме, далеку стасаа.

 

Д.Ѓ.: Кон што беше на прво место насочена острицата на женскиот бунт и критика во југословенскиот реален социјализам?

Н.Л.С.: Бевме незадоволни од стварноста во која жените од првите редови на револуцијата веќе на големо беа потиснати на маргината и истиснати од центрите за моќ и одлучување. Се повикувавме на тоа дека рамноправноста на родовите не е веќе само нормативен идеал туку е една од битните стратешки цели на социјалистичката револуција. Растечката феминизација[4] на сиромаштвото почна сѐ повеќе да се чувствува. Жените беа први отпуштани кога ќе настапеше криза. Дури и Тито рече дека немора сите во семејството да бидат вработени и дека жените треба да ја напуштат работата ако баш некој мора!

Женското движење кое имаше релативна автономија, односно, не беше под силно влијание на бирократската партиска контрола, веќе беше задушено.  Беше заменето со бирократската Конференција за општествена активност на жените, една крута, стерилна трансмисија на Партијата и нејзиниот Централен комитет. Drug-ca колку-толку се оттргна од нејзиниот патронат, и тоа секако беше една опд причините за атрактивноста и свежината на овој собир, но, секако, и причина за политички сопки и напади.

Сепак, за разлика од другите земји на социјалистичкиот блок, Југославија беше отворена за нови импулси – ние можевме да патуваме, читаме современа литература, разменуваме искуства, за што во земјите позади Железната завеса можеше само да се сонува. Мене ми беше многу блиска италијанската феминистичка литература.  

 

Д.Ѓ.: Дали твојата феминистичка позиција се менуваше со тек на времето и како ја гледаш ситуацијата по тоа прашање во текот на воените пост-југословенски години и денес во сѐ повеќе глобализираниот неолиберализиран свет?

Н.Л.С.: Не би рекла дека мојата феминистичка позиција се менуваше. Само ја преусмеруваше својата критичка острица на актуелните глобални прашања, како и на прашањата на т.н. транзициски општества, погодени од драматичната ерозија на женски права. Кога ја пишував книгата неофеминизам и социјалистичка алтернатива, изгледаше дека светскиот социјалистички процес е во подем. Беше потребна критичка средба меѓу марксизмот и теоријата и практиката на неофеминизмот, односно, преиспитување на односот на левицата кон новите женски движења како битен фактор за актуелниот политички миг и иднина на социјализмот. Меѓутоа, наместо во глобалната социјалистичка алтернатива за која се сонуваше се најдовме во свет кој е сѐ она што е нејзина спротивност.

Денес т.н. слободен пазар врши радикална дерегулација и приватизација, чија единствена цел е профитот, кому е сѐ подредено. Социјалистичките феминистки иронично велат за „слободниот пазар“ дека е всушност слободен грабеж. Значи, пазарниот фундаментализам е идеологија и практика на глобализираниот пазар со чија помош економските, технолошки, воено-политички, најмоќни сили остваруваат профит по секоја цена, без оглед на социјалните последици. Тој ги турка ранливите земји и ранливите општествени слоеви во уште подлабока беда, зависност и очај. Врз тие основи најлесно никнуваат и верските фундаментализми, регрутирајќи ги маргиналните социјални групи – очајните и сиромашните.

Кога говориме за глобализираниот свет, треба да се нагласи дека глобализацијата сама по себе не е нужно лоша работа. Напротив – можноста за комуникација, размена на информации, намалувањето на културните, социјалните, индивидуалните дистанци, ширењето на прогресивни идеи преку модерните информативни технологии – сѐ се тоа огромни цивилизациски достигнувања. Но, проблемот со глобалниот капитализам и пазарниот фундаментализам е во тоа што тие ја глобализираат својата надмоќ преку напредните технологии, односно им служат на најмоќните да ја зголемат својата благосостојба, додека во исто време драматично ги осиромашуваат и искористуваат човечките и природните ресурси. На тој начин драматично ја уништува околината, а и онака „слабите социјални слоеви“, меѓу кои жените се најслабата нишка, ги доведуваат во уште потешка ситуација.

Жените, како особено ранлив општествен слој, се можеби и најголемите губитнички на контроверзната пост-социјалистичка и пост-воена транзиција. Во комбинација со наследството на авторитарната политичка култура во која длабоко е проткаена патријархалноста и помалку или повеќе отворениот презир кон жената, ова опкружување доведува до следните погубни ефекти: ја истиснува жената од центрите на општествената и материјална моќ; ја истиснува жената од регулираниот пазар на труд во сферите на црната и сивата економија, каде што работи без здравствено, социјално, инвалидско и пензиско осигурување; претвора маса жени и девојки во бело робје, со кое срамно се тргува и проституира вдолж регионот; се провлекува тивка пропаганда против правото на жената да го контролира сопственото тело како би се претворила во родилка и репродуктивна машина, ѝ се набива/наметнува чувство на вина што го „саботира“ демографскиот баланс на нацијата, додека истовремено суровата, социјално неодговорна даночна политика драматично ја поскапува детската храна, пелените, лековите а го поевтинува алкохолот, скапите автомобили и луксузната роба.

Постмодерната социјална теорија не може да се носи со овие социјални процеси, а институционалната левица, ако воопшто некаде ја има, не е во состојба да се фати во костец со оваа драма. Што се однесува до феминистичкото движење, тоа сѐ уште не ја артикулирало својата теориска основа и своите барања прилагодени на новите околности во кои се најде современиот свет. Феминизмот денес, често, болува од естрадизација и фестивализација, а со своето меко дејствување како да се втопил во логиката на либералниот капитализам на кој воедно и добро му служи.

Денес, во време на глобализираниот капитализам, сѐ повеќе гласови повикуваат на повторно читање на Маркс. Тој сите негови особености прецизно ги опишал во Капиталот бидејќи бил негов најпосветен аналитичар. Гледаме, значи, дека марксизмот не е предмет од минатото и дека времето не го прегазило. Напротив, сѐ додека капитализмот живее и доминира со нашите животи, ќе ни биде потребен стариот Маркс.

Превод од српски јазик Дино Милосављевиќ.

 

[1] https://zenebih.ba/o-knjizi/

[2] Филозофско списание со хуманистичка и неомарксистичка ориентација, кое се печатело во Загреб (1964 – 1974)

[3] Нада Лер-Софрониќ го користи терминот патријархализам, но по одлука на преведувачот овде е секаде променет со патријархалност, бидејќи значењетето на тој термин не е соодветно да се аплицира тогашниот политички контекст на Југославија

[4] Веројатно се мисли на тоа дека сѐ повеќе жени се соочуваат со сиромаштија, па сиромаштијата во таа смисла добива женски предзнак

[5] Повеќе информации се достапни во магистерскиот магистерскиот труд на Кјара Бонфилиоли: Belgrade, 1978. Remembering the conference «Drugarica Zena. Zensko Pitanje – Novi Pristup?»/ «Comrade Woman.The Women’s Question: A New Approach?» thirty years after