„Зошто 8 Март?“ - феминистичко образование за сите

Неделата помеѓу 7 и 11 март во шест средни училишта од Скопје и две од Струга ги спроведоа овогодинешните средношколски материјали  „Зошто 8 март?“. Оваа година часовите ги одржаа идни наставнички/професорки и младиниски работнички со цел да се отвори простор за размена на искуства помеѓу сегашни и идни просветни работници. Соработувавме со осум средни училишта, па за таа цел одбравме четири едукаторки коишто одржаа по два часа.

Активноста „Зошто 8 Март?“ продолжува заради јасниот недостаток и свесното изоставување на теми поврзани со феминизмот и родовата едноквост во Северна Македонија. Заобиколувањето на ваквите теми не ги заклонува младите од чувствителни содржини, напротив, ги лишува од простор каде им е дозволено да ги гледаат историските текови критички, да поставуваат прашања, да згрешат и конечно, да научат. Заради ваквата образовна атмосфера и фактот што феминистичкиот поглед во образованието е збиен помеѓу патријархалните главнотековни историски наративи сметаме дека ваквите иницијативи се неопходни.

Клучни чинители во овој процес се всушност самите професор(к)и. Земајќи предвид во каков образовен систем функционираат просветните работници - од наставната програма, учебниците и средствата кои се одвојуваат за реализација на наставата, до обемот на работа којшто го издржуваат – бевме свесни дека не сите имаат простор да овозможат простор и време за спроведување на овие материјали. Но, и покрај околностите пресреќни сме што остваривме ги спроведовме материјалите во осум училишта и со седум професор(к)и, дел од нив продолжувајќи ја соработката од лани.

Викторија Постоловска  одржа по еден час во струшките ПСУ „Јахја Кемал“ и СОУ „Др. Ибрахим Темо“. За часот и генералното искуство при работа со учениците, таа вели: „Се пријавив бидејќи сакав да дадам мал придонес кон славењето на женската активност во нашата држава. Оваа прилика резултираше со прекрасно искуство кое ги поттикна моите педагошки способности и ми даде дознаење дека оваа држава содржи младина со прогресивни идеали, на што посебно се радувам .“

Во ПСУ „Јахја Кемал“ и СУГС „Георги Димитров“ во Скопје беше едукаторката Надица Банишка: „Иницијативата 'Зошто 8ми март?' е прекрасен почеток за едно поинклузивно, пофеминистичко образование. Преку вакви иницијативи се започнува дијалог кој често е изоставен во формалното образование, а е клучен за промени. Јас се пријавив да бидам дел од иницијативата бидејќи верувам дека сите треба да земаме активно учество во промените кои сакаме да ги видиме во општеството.“



Во средното училиште „НОВА“ и во СУГС „Јосип Броз Тито“ материјалот го презентираше Катерина Иванова. За тоа зошто се пријавила како едукаторка за активноста кажа: „Пријавувањето на оваа иницијатива за мене беше едноставно логично. Мојот активизам е мотивиран најмногу од желбата да бидам човекот кој ми бил потребен кога сум била помлада. Токму во оваа иницијатива го препознав тој човек кој 15 годишната јас би сакала да го запознае и да дознае што е всушност овој ден, зошто е бунтовен, а и солидарен, зошто не сплотува така како што го прави тоа и како се можам јас да го празнувам. Желбите за знаење и бунтовност се исти во секоја генерација на млади, затоа сме и млади, а кај младите во средно е веројатно најсилна. Не би должела зошто јас мислам дека треба да продолжат ваквите иницијативи, самите учесници/ки се изјаснија. Во секој клас кој го посетив едно од првите прашања беше: „Кога пак?“ „Каде можеме да одиме на вакви предавања почесто?“ „Ајде дојдете следна недела пак!“



Едукаторката Ивана Атанаскоска ја спроведе активноста во СУГС „Никола Карев“ и СУГС „ Орце Николов. „За поефикасно пренесување на знаењето важна е врсничката едукација (peer to peer education) што навистина ми се допаѓа во оваа активност.“

Годинава темата на материјалите е филм и женските ликови во филмовите. Филмот го искористивме како појдовна точка токму заради свесното поместување на фокусот од машкиот поглед и приказни кон поинклузивни практики и наративи после #MeToo движењето. Дали и до која мера овој нов приоди одржливо гради нови пракси е широка дебата и за ова секојдневно се дискутира. Заради тоа што најчесто младите ги водат овие дебати, а и се во центарот на медиумското влијание, одлучивме материјалите „Зошто 8 Март?“ да ги врамиме во овој дискурс.

Материјалот е поделен на два дела, од кои првата целина преку интерактивни квиз-прашања информира за присуството на жените во македонската кинематографија. Во поглед на материјата која што се дискутира, вториот дел е поотворен за групна дискусија. Главните точки за разговор овде се филмските тропи и како доминантните женски ликови (пре)создаваат филмски наративи и наметнуваат нови прашања.

Ова иницијатива дојде како резултат од активноста на нашите партнерки и соборки од Словенија – Mesto Žensk (City of Women), кои го прават ова од 2016 и оттогаш активно соработуваат со учителките/ите и педагозите во рамките на ова иницијатива.

Ако работите со млади и сакате да вметнете дел од содржината на час, во прилог се прикачени прирачникот за едукатор(к)и и материјалите за ученици. Пишете ни на tiiiit.inc@gmail.com или на некоја од нашите социјални мрежи ако имате дополнителни прашања за материјалите или фидбек откако ќе ги искористите.