Од мое гледиште - обука за критичко феминистичко пишување на Прво па женско#9

Ако ти е потребен креативен простор каде можеш да ги го насочиш своето пишување на теми кои ти се важни, тогаш оваа обука е за тебе. Здружението на граѓани за промоција на женска активност Тиииит! Инк. во соработка со феминистичката платформа Медуза годинава организираат мини-школа за критичко пишување која ќе се одржува од 1 до 13 јуни, како дел од младинската програма на фестивалот Прво па женско#9.

Школата ќе биде поделена на четири дела - две предавања и две практични работилници - преку кои учесничките/ците ќе се стекнат со основните начела на историјата на женското движење и присуството на родот во јавниот дискурс и медиумите, како и основите и практичните аспекти на пишување аргументиран текст. Целта на оваа мини-школа е да се обучат учесничките за пишување на издржани критички текстови, со силна лична перспектива, која би открила нови и не-толку-јавно-застапени гледишта за искуствата на девојки и жени, како и на сексуалните и родовите малцинства.

Теоретските предавања вклучуваат:

- предавање за историјата на женското движење и 1,2,3 и дискусија за 4 бран на феминизам со Ирена Цветковиќ (01.06.2021);

- предавање за родот во медиумите и поп-културата со Ана Мартиноска (05.06.2021);

- а практичните обуки ќе бидат со Хана Корнети (06.06.2021) и Калиа Димитрова (13.06.2021).

Текстовите кои ќе произлезат од обуките, ќе бидат објавени на веб страниците на Тиииит! Инк. и Медуза.

Сметаме дека личната перспектива е суштината на секој важен и квалитетен критички текст и мора да стои рамо до рамо со издржаноста на аргументите во него. Со оваа обука, ние оградуваме дел од јавниот дискурзивен простор затоа што споделените лични гледишта на жените, сексуалните и родовите малцинства трасираат поинклузивна и солидарна иднина, во дослух со нивните реални потреби. Учесничките(ците) ќе имаат шанса за блиска соработка со нашите обучувачки и предавачки и ќе можат да ги напишат текстовите кои (им) се важни. Секое предавање или работилница ќе се одржува на отворено и ќе трае од два до три часа, со паузи и ќе бидат затворени за пошироката јавност.

Задолжително ќе е носењето на прекривка преку носот и устата (медицинска или платнена маска, марама, бандана) и/или одржување физичка дистанца. Рокот на пријавување трае до 28 мај 2021 година. За да се пријавите пополнете го образецот на овој линк. За сите дополнителни прашања пишете ни на tiiiit.inc@gmail.com или на нашата Фејсбук страница.