ПЕРНИЦА ПОД ФУСТАНОТ - Марија Ратковиќ

Пред неколку дена во рубриката Забава излезе веста дека нашата премиерка ќе стане мајка. Детето ќе го роди нејзината девојка. Во Србија две жени ќе станат мајки на едно бебе. Во Србија во која не е дозволен геј бракот, не е дозволено вештачко оплодување на жените кои немаат партнер или имаат партнерка, а не е дозволено ниту сурогат мајчинството. Но, законите во Србија не му се важни скоро никому и лесно се заобиколуваат. Сеедно, се радував заради нив, а и за нас во иднина, која се надевам, ќе ја дочекаме.

Две години пред тоа, бев на конзилиум во болницата Народен фронт. Група лекари ми ја соопштија својата одлука по повод дијагнозата на рак на матката. Радикална хистеректомија е операцијата со која ќе се отстранат матката, јајниците и јајоводите, ќе се пресечат лигаментите и нервите, како и горната третина на вагината. ″Можам ли барем да сочувам јајце клетки?″, прашав. Една лекарка се насмеа: “А што ќе правите со нив?” На момент се збунив и почнав да пелтечам: “Постојат клиники, ако не кај нас, ги има во светот, не знам дали имам доволно време...”, а потоа замолчев. Таа всушност не ме прашуваше што ќе правам со клетките кога ќе ги извадат од мене. Ме прашуваше што ќе правам со нив ваква, со празна утроба, каде да ми ги вратат.

На друг конзилиум повторно се сложија дека не е можно да ми се сочува матката, бидејќи во меѓувреме туморот пораснал уште половина сантиметар и ризикот е преголем. Кои се моите опции, прашувам, а тие одговораат: знаете, сега има закон, сурогат мајчинството е кривично дело, иако ние мислиме дека прашање на време е кога ќе биде дозволено, а и науката напредува. “Можам ли барем да ги сочувам јајце клетките?”, повторно прашав. Друга лекарка ми рече: “Тоа е неизвесно, не можете да ги чувате јајце клетките на трошок на државата, бидејќи, знаете, вие никогаш нема да можете да бидете мајка. Но, имавме еден случај, причекајте да се јавам да прашам. Ја имаме таа опција, тоа е пионерски потфат, да извадиме ткиво од јајникот, па да го замрзнеме. Тоа е научен проект, тоа можеби би можеле да го направиме.”

“Вашата ситуација е деликатна, морате да одите на уште еден конзилиум.” ми рече третата лекарка во приватната клиника излепена со постери за крио-замрзнување. “Никој тука нема да се нафати да Ви направи стимулација ниту чување на јајце клетките, затоа што ризикот е преголем.”

Барав опции и лицитирав со можностите кои во светот ги имаат жените со моите здравствени проблеми. Наместо опции наоѓав само законски и подзаконски кал. “Знаете, кај нас законите се носат бавно, Вие просто нема да го дочекате сурогат мајчинството во Србија. А и ако извадите јајце клетки во оваа земја, не ќе можете да ги изнесете во друга земја каде сурогатот е дозволен. Кај нас има т.н. биоетичка комисија, која би Ви издала одобрение да го изнесете својот биолошки материјал од земјата, но тоа е многу тешко. Ако го сакате мојот совет, одете си од земјата, млада сте, имате време.“ Консултирав правник. Се прашував како е можно да удирам во sид, зар ги имам исцрпено сите можности, зар во Србија за мене нема никакви можности.

Пронајдов клиника во Белгија која се занимава со фертилитет на онколошки пациентки и пациенти. Таму работат и некои луѓе од Југославија, љубезни се и достапни, користат меил и телефон. Што се однесува до цените, замрзнувањето јајце клетки чини 2.000 евра плус лековите за стимулација. Секојдневниот мониторинг на постапката е 150 евра на ден. Неопходна е и консултација со лекар и сестра. Потпишувањето на правните документи е скоро 200 евра. Лапароскопијата со овариектомија е 800, а чувањето на оваријалното ткиво е 750 евра. За седум дена во Белгија тоа би било 3 до 5 илјади евра, со вклучен наем на стан и храна.

Пишував писма до клиниките во Чешка и Грција, барав законски процедури и некое место во светот во кое истовремено е дозволено чување на јајце клетки на онколошките пациентки и сурогат мајчинството, по било која цена и под било какви услови. Дознав сè и сешто за видовите и подвидовите сурогат мајчинство, за статистиките за раѓање од замрзнати јајце клетки, за ембрионите, развивање јајце клетки од криогенизирано ткиво на јајчниците, за трансплантација на јајчниците во oncofertilityпроцедури. Читав и за трансплантација на матка и други мерки кои ги предвидуваат конзервативни земји како Турција и Саудиска Арабија во недостаток од опции на алтернативни методи на размножување. Во еден момент го знаев секој закон и пропис кај нас и во светот. Франција има трипартитно родителство, но не и сурогат мајчинство, Англија дозволува сурогат, но не и државјанство на мајката, Канада признава сурогат, но само од алтруистички побуди, Америка стандардно – може сè, но за пари, некаде може само за роднини, некаде единствено не за роднини, некаде мајката се откажува од детето, некаде таа не е во својство на родител. Наидов на случаи на жени кои оделе само на зрачење, па родиле деца од пресадени јајници или од вметнат генетски материјал или од јајце клетки развивани во епрувета, дознав дека има дете од трансплантирана матка и две од ткиво на јајник – можеби сè ми се измешало. Си велев: камо да бев лезбејка, ќе ми беше полесно, мојата девојка ќе ми родеше дете. Но, ни тоа не е дозволено во Србија.

Отворам сајт, гледам сурогат мајки, читам биографии, фини некои жени, имаат деца. Главно веруваат во господ, сакаат да помогнат. Законите се кроени така да се спречат злоупотреби, да се спречат сиромашните да се вселат кај вас, да заработуваат, и да се спречат богатите да одат туристички во земјите на третиот свет да купуваат потомство. Тие закони ја гледаат жената како матка, бидејќи уште од римското право “една е мајка”. Ги читав и староримските закони за да го пронајдам изворот на сета таа бесмисленост, онаа која Фуко ја нарекува исушената крв меѓу параграфите. Читам приказни на луѓе кои се обидувале, кои се сакаат и им недостасува само дете, па продаваат станови, земја - во Калифорнија 100.000 долари е само сурогатот, а 180.000 ако е и сурогатот и јајце клетка, нашите во главно одат во Украина, велат таму е поевтино. На некој форум, еден пар кој живее на границата со Црна Гора кажува дека жената морала да носи перница под облеката кога оди во продавница, за да не се чудат подоцна соседите. Некои ме советуваат - ти само оздрави, ќе ти роди некоја Романка, не е скапо, 10-15 илјади. Некој друг пак вели, ма што се грижиш, пријави се во Република Српска, нека ти роди дете некоја жена, ќе средиме во општината, на некои една жена им родила за пет илјадарки. И тогаш ми прекипе.

Сакам нормален однос со свесна возрасна личност со надоместок на реалните трошоци, со знаење и свест за тоа што се случило, видувања и посети – не сакам мојата среќа да почива на експлоатација, кражба или злосторство. Не сакам да одам во Босна, не сакам да носам перница под фустанот, не сакам деца да ми раѓаат дискриминирани мајки ни за 5 ни за 105 илјадарки, не сакам да шверцувам ни да подмачкувам некого за документи, па како госпоѓа да се вратам со чедо во рацете преку мостот Павловиќ. Во тој полуден свет во кој една понижена жена милува перница наместо стомак, додека друга раѓа којзнае чие дете за пари кои не одат кај неа, почнав да ги разбирам оние кои крадат деца или ги прободуваат стомаците со игли за плетење, оние кои ги оставаат децата на пруги, ми стана јасно сè, од чедоморство до сурово убиство со умисла. Ако имаме крвнички закони, се претвораме во ѕверови.

Се сликав гола со лузната преку цел стомак, да се знае дека на мојот стомак нема да расте перница наместо бебе. Мислам дека нема ништо лошо, ни криминално, во тоа што сакам да бидам мајка и не сакам законот или моето отсуство од законот да ме тера на понижување, вина и злосторство. Не сакам да ја кријам својата болка, како што не би ги криела својата девојка, дете или маж. Не сакам стручните лица да ми велат “да си сакала, до сега би родила”, не сакам прекорно да ми попуваат “толку деца скапуваат по домови, усвои”, затоа што децата не треба да скапуваат по домови и усвојувањето деца не е алтернатива на биолошкото родителство. Само во заостанати и конзервативни патријархални земји усвоените деца “ги заменуваат оние вистинските”, иако децата за усвојување се вистински што повистински не можат да бидат. Само во заостанатите земји, жената која нема матка ја пресадува и го ризикува својот живот живеејќи на имуно-супресанти за да роди. Само во заостанатите земји се тргува со деца, тие се кријат, крадат и пречкртуваат во матичните книги. Законите секогаш се одраз на општеството. Еден стар југословенски филм започнува со зборовите “Стариот мудрец рекол, ако сакате до крај да запознаете некоја земја, ако сакате да ги сфатите вистинските причини за светските збиднувања: побарајте ја жената.” Кон тоа додавам: надевајте се дека не лежи затворена во некој подрум, дека има здравствена книшка и лична карта, дека има право да располага со своето тело, дека не абортира женски деца седми пат, кришум, во сомнителни шупи, дека не носи со денови мртво дете во стомакот затоа што нема заверена книшка, дека не носи со месеци перница под фустанот за да не оди во затвор, дека не ја продаваат, не ја касапат и не ја развлекуваат по болници додека и пуштаат да го слуша срцебиењето на ембрионот што не го сака. Како жена, ја запознав оваа земја од прва рака, многу подобро и поподробно од многумина. Затоа и сакам да ја менувам.

Тоа што јас го сакам може да се случи сега кога Ана Брнабиќ станува мајка. Би сакала премиерката да стори нешто и за родителство за сите нас:

  • да ги легализира истополните партнерства,
  • да го декриминализира и легализира сурогат мајчинството,
  • да овозможи зачувување на фертилитетот и асистивна репродукција за онколошките пациенти,
  • да ги укине старосните граници за сите процедури за чување на фертилитетот и асистивната репродукција како и усвојувањето,
  • да ги направи процедурите за усвојување пофлексибилни.

Се надевам дека нашата премиерка не е една од оние кои се лекуваат во странство додека во нивната земја луѓето кои се разболуваат се казнети поради тоа, или во некоја поразвиена земја добиваат азил поради прогонот на хомосексуалците, или стануваат родители на криминален начин или ги кршат законите или сè се одвива во сивата зона на нерегулирани односи и врски, каде лекарите, биоетичките комисии и конзервативните политичари треба да замижат на едно око. Затоа што Ана е наша.

Е па и ние сме на Ана. Сите припадници на ЛГБТ+ заедницата, сите трансџендер луѓе кои на своја рака пијат хормони и добиваат разни болести вклучително и рак, сите жени кои кришум одат на 5 или 7 стимулации на јајниците па добиваат диабетес, рак на дојката или јајниците, сите мажи на кои им се отстранети тестисите и имаат само малку сперма која не можат да ја изнесат од земјата, затоа што сè уште не заседавала биоетичката комисија, сите оние кои се скарале или развеле додека плачеле и хистеризирале околу абортусот или неуспешните обиди да станат родители, сите оние кои остареле обидувајќи се, сите оние кои продале станови и ниви, кои се задолжиле заради лекување во странство, за сурогат мајчинство или посвојување дете од некоја земја зафатена со војна, сите кои умираат, а не можат на партнерот или партнерката да го остават заедничкиот стан, на сите на кои им снемува сила и пари... Сите ние со верба во иднината, кои сакаме поправедни закони и медицински процедури, кои се бориме за подобар живот, свој и на другите луѓе – им посакуваме сè најубаво на двете мајки и бебето, честитаме и заедно со нив чекаме подобро утре.

објавено на Peščanik.net на 08.02.2019.