За изведувачката програма на ППЖ11

...зборови на Кристина Леловац.

 

***

Изведувачката, како и целосната програма на единаесеттото ПРВО ПА ЖЕНСКО се надоврзува на ветувачките зборови на Одри Лорд

„Иднината на Земјата веројатно зависи од вештината на жените да идентификуваат и развијат нови дефиниции за моќта и нови начини за поврзување преку различностите.“  

и предлага содржини кои ќе ја потврдат оваа нејзина претпоставка и - утешително и охрабрувачки - ќе ни понудат алтернативи за нов соживот.

По перформансот Extima: Плодна почва, кој ни ја осветли аналогијата помеѓу едновремените восхит и експлоатација на природата и на жените во разјарениот патријархат, месецов изведувачката програма на ППЖ11 продолжува со “this is my truth tell me yours” на Јасна Жмак -  перформанс во кој таа ги преиспитува одговорностите и анксиозностите кои ги имплицираат авторските позиции и се (нѐ) прашува за важноста и смислата на уметничкото творештво во ерата на дивиот капитализам. 

Во рамки на овогодинешната изведувачка програма на ППЖ11, ќе се случи и македонската праизведба на “Мачката Еленора” на Карен Јес, наградуваниот текст за радикалната самоопределба на една жена и неповратливото отфрлање на системот во целост.

Претставата ја развиваа колективот составен од архитектката и соработничка на сценски дизајн Моника Ангелевска, компаратистката и независна истражувачка за современа книжевност, филм, култура и квир прашања Грација Атанасовска, актерката и магистерка по културолошки студии Јасмина Василева, видео авторката и истражувачка на мултимедијални форми Вероника Камчевска и германистката, уредничка и преведувачка Катерина Шекутковска, во рамки на платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ 2.0. Платформата годинава во фокус го има промислувањето на начините на кои работиме ЗАЕДНО во полето на изведувачките уметности, за да изнајдеме и понудиме феминистички пример за посочувствителен и посолидарен, посигурен и поправеден и така попоттикнувачки контекст во кој навистина можеме да создаваме театар автентично и политично, уметнички и општествено релевантно. Дел од активностите организирани во рамки на Платформата - отворени проби, разговори, предавања, средби и работилници со домашни и интернационални теоретичар(к)и и практичар(к)и - ќе бидат отворени за професионалната и поширока јавност, во линија на определбата на ППЖ постојано да придонесува кон јакнењето на локаната независна културна сцена.

Изведувачката програма на ППЖ11 се реализира во соработка со ЛОКОМОТИВА - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, меѓународниот театарски фестивал МОТ и Факултетот за драмски уметности - Скопје.

Здружени, “продолжуваме да трагаме по нови и повозможни среќавања.”

***