И понатаму живееме во тврдокорен патријархат | интервју

Интервјуто го подготви Ивана Смилевска

„Розовата бука никогаш не била поавтентична“, порачуваат од „Тиииит! Инк“, организаторките на фестивалот за феминистичка култура „Прво па женско“, најавувајќи го утрешниот концерт на загребската експериментална кантавторка Сара Ренар, која сцената ќе ја дели со македонските музичарки Марија Каева, Јоана Ристеска и диџејката Теа Шалдева.

Концертот кој е во рамки на јубилејното 10 издание на #ППЖ, и оваа година потсетува на родовиот јаз на музичката сцена.

„Фактот е дека на глобално ниво жените во музичката индустрија сè уште се малцинство, па 2022 година е доказ дека и бината е простор кој допрва треба да се освојува. Кај нас ситуацијата не е многу подобра – напротив, со оглед на тоа дека музичката индустија е скоро непостоечка, музички фестивали има малку, а за родовиот јаз сè уште се шепка“, истакнуваат од „Тиииит! Инк“.

Оттаму дополнуваат дека во музичката програма на фестивалот е составена само од екстремно талентирани артистки и фокусот на ова издание е на жени кантавторки кои не се тука само за да пркосат на „Топ 10“ хитовите на музичките листи.

„Тие не се тука да пополнуваат квоти на очајната родово небалансирана сцена, а најмалку се тука за да ви се допаднат вам. Тие доаѓаат со изградени став и мисла, со причина повеќе за определбата да создаваат музика во оваа демотивирачка густа магла“, велат организаторките.

„Зошто си толку лута“

nasmiješi se kameri, zašto si toliko ljuta, zašto si toliko ozbiljna, zašto si do sada šutjela“, вели Сара Ренар во песната „Ќути и пеј“, дел од истоимениот албум кој го издаде во 2021 година, на 8 Март, кој освен познатата симболика, го слави и нејзиниот роденден. Досега, Ренар зад себе има пет албуми, - „Djeca”, „Jesen”, „Tišina” и настапот во живо „Gdje povlačiš crtu?”, а нејзиното последно остварување е „Ќути и пеј“.

Албумот поткренува внимание на неолибералната љубов, религијата, женските права, интимните приказни, но претставува и критика на музичката индустрија, откривајќи ги сите проблеми со кои се соочуваат музичар(к)ите, тема која ја отворивме и во нашиот разговор со сите нив. Зборувајќи за тоа, Ренар вели дека ние и понатаму живееме во тврдокорен патријахат кој се чувствува во секој сегмент на животот и во секоја професија.

„Како релативно медиумски експонирана изведувачка и тоа како го почувствував ова на моја кожа. Понекогаш тоа е суптилно: во овие наши краеви, патријахатот е толку интернализиран што дури и наизглед добронамерните совети и коментари се всушност 'мажјаснување', а не сме свесни за тоа. Порано ова беше поексплицитно. Како жена секогаш мораш да се докажуваш, поготово во подрачјата кои до неодамна биле исклучиво 'машки' игралишта како што е музичката продукција, свирењето на инструменти и слично. Мислам дека фестивалите како ППЖ кои собираат инспиративни уметници се многу важни за девојчињата и момчињата за тие да видат примери на жени кои создаваат и да се охрабрат и самите да работат со софтвери, инструменти и алати...“, вели таа.

Како дополнителен проблем, диџејката Теа Шалдева, која е активна под псевдонимот Galatheia како добропозната „стотројкашка“ и „резидент артист“ на ППЖ, ја посочува и затвореноста на македонската клупска сцена.  Шалдева моментално ја води и емисијата „Микродоза“ на „Амок радио“, па забележува дека има повеќе диџејки од пред пет до десет години, за што вели дека е одлично.

„Но да да бидам искрена, ако зборувам за отвореноста на нашата клупска сцена во моментов, камо да беше родовата инклузивност првото нешто што ми паѓа напамет. Самата по себе тукашната клупската сцена е, со чест на ретки исклучоци, секташки затворена. Таа затвореност има многу облици и имиња, ниедно од нив убаво, така што мојот одговор на ова прашање мора да заврши токму тука“, вели таа.

Марија Каева е вокална солистка, музичарка и текстописец, како и радио водител со петнаесет годишно искуство, а над 20 години спорадично ја збогатува македонската поп архива со нумери на кои тешко им се заборава рефренот. Нејзино последно музичко издание е „Фортуна“ зад кое што стои потпишана заедно со Владан Дробицки. Таа се надоврзува велејќи дека во последните три децении, забележува промена во аудиовизуелните трендови кои навидум отфрлаат стигми но, посочува дека ако ги слушнеме најпопуларните рефрени, стигмите не само што не се отфрлени туку се утврдени.

„Изведувачките кај нас се подеднакво атрактивни и талентирани како најголемите светски музички звезди на денешницава но, тие сѐ уште пеат за татковината, за несреќната љубов и индивидуалното херојство. Отфрлањето на стигмите сѐ уште е случај на исклучоци кои секако ги има сѐ повеќе и повеќе а, во последниве петнаесеттина години добиваат и сѐ повеќе видливост благодарение на заедничките иницијативи општеството да се отвори и да се лекува со културна размена и наобразба, каков што е примерот со ППЖ“, посочува таа.

Концертот во рамки на #ППЖ цели да го прикаже родовиот јаз во музичката индустрија. Зборувајќи со Јоана Ристеска, соло артистка и инструменталистка чиј сензибилитет опфаќа различни стилови, од современа-класична, синематична  и експериментална-рок музика, одлучивме дополнително да го намалиме јазот, па позборувавме за тоа кои се нејзини музички „музи“. Таа вели дека од поновите авторки и бендови, инспирирана е од Marie Davidson, Emma Ruth Rundle, Weyes Blood, Chromatics, Lush и Anna Calvi.

„A од безвременските сe електронската пионерка Suzanne Ciani, Julee Cruise, Patti Smith, Joni Mitchell“, посочува музичарката која по втор пат настапува на ППЖ, а моментално е дел од  авантгардниот рок состав „40 дена”.

Феминизам со музички „twist“

Во време кога генерално, женското делување е само по себе политички чин, со музичарките поразговаравме токму за музичкото експериментирање, но и за нивната лична дефиниција за феминизмот, два елементи кои повлекуваат поуки и за другите сегменти од животот.

Сара Ренар вели дека музичкото експериментирање, генерално, ја научило на трпеливост и игривост, додека пак за неа, феминизмот е работа која се подразбира. И Шалдева се согласува дека експериментот поттикнува игривост, додека феминизмот вели дека го сфаќа како апсолутна нужност, убиец на матрици кои ги научила, а не со кои растела, па додава дека е прилично горда на тоа.

Каева се надоврзува дека релациите му овозможуваат на експериментот да стане нов простор за колективна преобразба.

„Соработката со други музичари, размената на впечатоци и отвореноста за неочекувани правци ме научија дека како и во музиката така и во животот има многу повеќе простор одошто се чини и дека тој секогаш може одново да биде создаден или проширен. Во тој процес истовремено се откриваат доблестите и слабостите на поединката коишто се подеднакво важни за нејзино континуирано постанување во релација со другите. Од друга страна, општествениот притисок да се биде и своја и успешна честопати ја киднапира креативната енергија и ја прелева во доминантната конкурентска атмосфера парализирана од суперлативи и во перманентен културолошки грч што се манифестира со страдања од нарцистичка природа кои се исцрпувачки за единката и погубни за меѓучовечките односи. Музичките експерименти се своевидна стратегија за преживување на колективниот дух“, објаснува пејачката.

За неа, феминизмот е борба против неминовната предодреденост од раѓање да се биде заробен во светогледот на патријархатот во општество фиксирано на профит, крв и сперма.

„Воочување на слабостите, пред сѐ во општествените уредувања, наместо нивно индивидуално устоличување и инертно прифаќање по основ на род, раса, пол, нација, класа...Свест за животната средина како заеднички простор и единствен ресурс за живот, наспроти сликата на тврдина запоседната од херои што ја слават победата над животот и смртта на најтоксичната цивилизациска депонија досега. Креативна стратегија за излегување од ерата на антропоценот во нејзиниот најдеструктивен час без романтизирање на нејзините најславни денови како и организирано превземање одговорност за животот во свет без страв од насилна или ненадејна смрт, како општествена, така и телесна“, вели таа.

Ристеска пак, вели дека музичкото експериментирање ја научило да слуша, да биде потрпелива, посвесна и поселективна за она што е добро за неа и нејзиниот развој.

„И секако помалку трагично да сфаќам некои работи“, нагласува таа, додавајќи дека феминизмот е женска азбука која треба да биде универзална.

„Овде осудата, валидацијата-невалидацијата и границите се непознат поим“, вели таа.

Години будни

Четирите концертни изведувачки, на 31 август ќе настапат во Младинскиот културен центар (МКЦ) под генералното мото на фестивалот кое годинава гласи „Години будни“. Мотото не заинтригира, па ги прашавме што им донесе последната декада на секоја од нив, имајќи предвид дека последниве неколку години беа предизвикувачки за сите нас.

Мотото е изведено од песната „Hana je već dugo budna“ на Сара Ренар, која вели дека во последниве десет години се зајакнала, научила да простува, но и да се избори за себе и своите колешки и колеги.

Шалдева, пак, истакнува дека инцидентно, оваа година е десетгодишнината од нејзиното прво ЕП издание како Galatheia - „All We Ever Wanted Was Everything“.  Нејзиниот деби албум е „Метропол“ беше издаден во 2017 година, а му претходат неколку синглови.

„Во меѓувреме, освен бројните соработки и изданија, колку и да звучи контраинтуитивно, еднакво важни се и 'паузите'. Мислам на макотрпните борби со себе, сопственото значење и квалитет, на потрагата по своето место во една поголема приказна, воопшто - одржувањето на главата над вода и во најтешките моменти на давење. Сè ова се елементи на едно уметничко, човечко создавање, па навистина голема радост е кога можеш да ги чуеш како ти пеат во гласот и ти свират низ музиката, која одеднаш станува твоја, како што отсекогаш и била“, објаснува Шалдева.

Третата најавена изведувачка, Марија Каева вели дека во последните 10 години интензивно се интересирала и се запознавала со отрезнувачка литература, која не понудила инстант успокојување со едноставни одговори на комплексни и горливи прашања.

„Имав и време и прилика за тоа но, и за запознавање со повеќедимензионални културни милјеа преку социјална работа и учество во инклузивни уметнички проекти. Набљудувањето и анализата на времето и просторот во кои живееме се моја најголема инспирација. Оттука, сметам дека уметноста не е нешто што доаѓа од самите нас, туку само проаѓа низ нас ако и дозволиме, и е резултат на нашата волја и храброст да стапиме во однос со светот и другите. Во меѓувреме научив да бидам потрпелива во процесот на креирање, да ги држам очите отворени наместо ококорени и најважно од сѐ, да документирам. Се трудам да бидам истовремено и самокритична и нежна и да немам големи очекувања, освен оние за доработување на започнатите проекти“, нагласува таа.

Јоана Ристевска посочува дека последната декада била круцијална за многу музичарки кои излегле на површината со многу макотрпна работи и одење по трнлив пат.

„Секогаш мора дупло да работиме и покажеме и докажеме што умееме да направиме, a патријархатот сака да најде начин да те деградира на некое поле. За мене овие години биле и сè уште се формативни во создавањето на многу музички ставови, и обид за нивно имплементирање и водење според нив во животот. Почетоците на личниот музички израз ми се создаваше со многу падни-стани, охрабрувања, двоумења. Следеше многу слушање, споро вежбање,  трпеливост и барање на адекватен звук со години. За мене беше фасцинантно да следам како полека најверојатно успевам преку музиката да искажам делови од себе и драги луѓе што ме инспирирале. Работата со составот 40 дена во кој сум заедно со Саша Павловиќ и Венцислав Смаќоски ми отвори нови врати и размислувања во однос на зедничко музицирање. Сѐ на сѐ, можеме да повлечеме јасна паралела на напредокот на ППЖ со напредокот на нашите музичарки во овие 10 години“, забележува Ристеска.

Концертот ќе се одржи утре, на 31 август во Младинскиот културен центар (МКЦ), со почеток во 21 часот, а влезот е бесплатен. Во рамки на фестивалската вечер ќе бидат организирана и „Зелена програма“, која ќе започне во 18 часот, а најавени се предавања за брза мода, работилници за сито-печат и размена на облека.

Ивана Смилевска