Авганистанските жени повторно под талибански режим

Откако на 13 август Талибанците преземаа контрола врз северниот, западниот и јужниот дел од Авганистан , илјадници луѓе секојдневно ја напуштаат државата. Претседателот Ашраф Гани се повлече од Авганистан без никакво предупредување, а со тоа се напушти и последната надеж за жените од Авганистан - особено за прогресивните и образованите.

Кога Талибанците последен пат ја преземаа власта помеѓу 1996 и 2001 година, на жените им беа ускратени можностите за образование и вработување. Девојките и жените не можеа формално да се образуваат, а во јавност можеа да се движат само со машка придружба и со бурка. Казната за непочитување на овие строги правила се движела од тепање до егзекуција. Од 2001 година, правата на жените бележеа раст во Авганистан. Повеќе девојчиња се запишале во училиште, а стапката на смртност кај децата е се намалила. Меѓутоа, со повторното доаѓање на Талибанците на власт, веќе сведочиме за забрзано уназадување и бришење за сите прогресивни исчекори кои се случиле од 2001.

Пред 1970 -тите, правата на жените во Авганистан, генерално држеле чекор со начинот на кој се развивале женските права и на западот. Авганистанките се избориле за правото на глас во 1919 година, што е многу порано од многу европски земји. Во 1960 -тите, жените учествувале во пишувањето на Уставот на Авганистан, ратификуван во 1964 година. Според Уставот, мажите и жените имале еднакви права.

Во 2020, после 20 години во Авганистан, САД потпишаа мировна спогодба со Талибанците. Со тој договор САД се согласија да ги повлечат американските војници доколку Талибанците ги прекинат врските со Ал Каеда и пристапат кон отпочнување на мировни преговори со владата. Во овие разговори, талибанските лидери ја нагласуваат волјата да им ги дадат правата на жените, но „во духот на Исламот“.

И покрај ова крајно провидна реторика на Талибанците, податоците откриваат уште помрачна статистика. Според Шабија Манту, портпарол на Агенцијата за бегалци на ОН, 80% од речиси 250.000 луѓе во Авганистан, кои беа принудени да ги напуштат своите домови на крајот на мај оваа година, се жени и деца. Извештајот објавен минатиот месец од Обединетите нации, исто така, покажа дека бројот на жени и деца убиени и повредени се зголемил во мај и јуни, во исто време кога американските и другите меѓународни трупи ги повлекоа и преостанатите војници од Авганистан.

Моменталната ситуација се развива во иста насока. Читаме за префарбани излози каде до пред скоро имало слики од жени и уништен рекламен материјал со жени во венчаници. Но, бришењето на жените како активни чинителки  во општеството е многу подалекусежно и промислено од овие симболични чинови на опресија.

Во јули оваа година, вооружени напаѓачи од Талибанците влегле во канцелариите на Азизи банката во Кандахар и им наредиле на девет жени што работеле таму да си ги напуштат работните места, како нивните машки роднини би работеле таму наместо нив. Друго сведоштво, на анонимна студентка од Кабул за Гардијан, говори дека „ќе мора ги спали сите докази за сè што постигнала во нејзиниот 24-годишен живот“. Минатиот месец во провинцијата Фарјаб, талибански војници ја убија Најла, самохрана мајка на четири деца, затоа што немала доволно храна за да им зготви јадење за 15 лица. Махбоба Серај, основачката на Авганистанската женска мрежа, во едно неодамнешно интервју рече: „Она што моментално се  случува во Авганистан ќе ја врати земјата 200 години наназад“.

После декади војни и конфликти со постојани надворешни влијанија и интервенции, Авганистан се соочува со светска пандемија со здравствен систем и инфраструктура во распаѓање. Новата генерација на млади, кои сочинуваат две-третини од тамошната популација, не се сеќава каков бил животот под талибанско водство пред повеќе од 20 години. За некои ова значи генерација млади жени кои ќе се спротистават на режимот на Талибанците, иако голем дел од младите веќе ја напуштиле или ќе ја напуштат државата.

Извори: https://theconversation.com/taliban-has-not-changed-say-women-facing-subjugation-in-areas-of-afghanistan-under-its-extremist-rule-164760

https://www.theatlantic.com/international/archive/2021/08/the-talibans-return-is-awful-for-women-in-afghanistan/619765/

https://time.com/6087101/women-afghanistan-what-comes-next/