ПРВО ПА ЖЕНСКО е иницијатива што има за цел да поттикне одново промислување на значењето на 8ми март – Меѓународниот ден на жената, преку отворено поставување на широкото прашање за положбата на жените во нашето современо општество.
Тиииит! Инк. ја покренува оваа иницијатива чија што цел е отворање на еден неекслузивен простор, во кој низ конструктивна дискусија и креативна размена, ќе се препознаат околностите во кои денес живее жената чиј што профил, интереси, ставови и лични заложби за самоостварување се опираат на традиционалните стереотипи, но и на оние кои денес кај нас насилно се наметнуваат како единствени морални и општествено-политички подобни и со нив доминантниот политички дискурс популистички манипулира.
Програмата е конципирана како отворено поле за претставување и креативна размена на активните жени денес-оние кои од најразлични позиции теоретски се занимаваат со прашањата на родот, но и оние кои јавно се застапуваат и се обидуваат да влијаат на подобрувањето на политиките кои се однесуваат на жената, како и жени кои автентично се промислуваат себеси и својата улога во општеството, изразувајќи се во сферата на различните уметности. Сите тие, индивидуални актери или организирани во формални или неформални групи, дејствувајќи поттикнати од исти побуди и во иста насока, ја сочинуваат сферата која иако е постојано присутна и жилаво егзистира сѐ уште не е препознаена ниту пак самата препознава дека може да го осигура своето постоење и унапредување профилирајки се како организиран ентитет низ размена на искуства, соработка и формално вмрежување. Таа сфера/заедница слободно може да се детектира и нотира како активна женска сфера во Скопје и воопшто во Македонија. Затоа овој настан има за цел да го поттикне нејзиното препознавање, континуирано следење и вреднување, но и да ги поттикне нејзините актери на поактивна и проактивна соработка и вмрежување.