Како еден вирус нè потсети дека сме општествени битија

Во брзата смена на мислењата за тоа што точно ни се случува, во која едни исти луѓе изјавуваа дека се работи за „најсмешниот вирус“ за да по само неколку дена речат дека „многумина ќе ги загубат своите најблиски“ (инаку се работи за вкрстени цитати), особено се истакнува едно мислење. Она за „странскиот вирус“. Но проблемот со вирусите е во тоа што тие никогаш не се ни домашни, ни странски, ни твои, ни мои. Вирусот не познава странци, нему сите сме му потенцијално домашни. Но она во што вирусот се претвора – или може да се претвори – во рацете на безумната политика е средство за дополнително отуѓување (Што и онака во животот го имаме отповеќе!).

Бидејќи вирусот не нè доживува како странци, туку напротив, сака да ни се одомаќини, се воведува соодветен термин social distancing т.е. воспоставување на општествена дистанца. Само на одредена оддалеченост сме безбедни од тоа инванзивно нешто, кое не ни го носат Италјаните, Шпанците, Кинезите, ниту мигрантите, светските патници, глобалистите, космополитите, сите оние кои сакаат да ни ја сотрат семката. Никоја нема тапија на вирусот, без разлика на потврдените жаришта - пазарот во Вухан, Ломбардија, а сега и цела Европа.

Воспоставувањето општествена дистанца е засега најдобрата заштитна мерка која должно треба да се почитува, зашто границите на телото не се општествени граници на кои може да се постави бодликава жица, ѕид, полициски кордон, војска или чета самопрогласени чувари на националниот ред. 

„Ѕидовите“ со кои се обидуваме да ги покриеме лицата и дланките не се толку цврсти и непорозни, па дури и оние најсилните чувари на редот паѓаат пред оваа наезда. Значи, општествената дистанца не е прашање на избор, туку на грижа за себе и општествена одговорност. Зашто општеството, дури и во државите со потполно девастирани системи, заробени институции и олигархија, сепак постои. Постои барем и во зачеток, барем како остаток од некои минати времиња, само треба повторно да го препознаеме во себеси и во оние околу нас.

Дури и кога сме општествено дистанцирани, дистанцирани сме од вирусот, не од луѓето. Се отуѓуваме од неповиканиот дојденец, а не од блиските, соседите, сите оние кои заедно со нас живеат на планетава. Често, премногу лесно го забораваме овој прост, најпрост факт во нашите животи, па на него ни текнува на најужасниот можен начин, кога продавачот на пазар во покраината Хубеи ќе го препознаеме во ликот на познаникот од Кикинда или на роднината од големиот град.

Но ние не живееме сами, никогаш, дури ни како монаси. За да можеме останеме изолирани се грижат огромниот број наши сограѓани - некој фрла ѓубре, некој меси леб, некој разнесува пошта, некој уплатува плати и пензии, некој произведува тоалетна хартија, некој вози автобуси, дури и по викенд ред на возење, некој продава лекови, некој породува жени кои не можат да чекаат да заврши пандемијата, некој бдее над новородените бебиња во неонатолошките одделенија, некој погребува, некој се грижи да имаме струја и вода.

Од сите тие луѓе сме и онака општествено дистанцирани, не знаеме ниту пак нè интересира кои се. Сега е време да станеме свесни за нив, зашто без нив нашата изолација би била невозможна. Сега е моментот да се присетиме – да им се јавиме и да ги прашаме како се, на сите оние на кои им е оневозможено движењето, кои од различни причини потешко се пробиваат низ градскиот живот, кои се грижат за некој кој има такви или било какви попречености. Тие најдобро знаат што е изолација. Можеби сега ќе можеме подобро да ги разбереме. 

Во оваа отуѓена ситуација би можеле да замислиме колку отфрлени се чувствуваат сите жени изложени на насилство во своитедомови, кои постојано живеат во страв, недоверба, занемарени од општеството. Тој страв сега е три пати поголем. Би можеле да имаме повеќе разбирање за луѓето кои секојдневно умираат од банални болести зашто немаат пари да платат карта за меѓуградски автобус за да отидат на лекар или скапи анализи и третмани кои државните болници и клиники повеќе не ги обезбедуваат. Тие се наши сограѓани, наши комшии, наши блиски, од кои општествено се дистанцираме и кога не постои вирус кој нè приморува на тоа. Најпосле, наши сограѓани се и оние кои сега чувствуваат малаксаност, имаат висока температура и сува кашлица. Тие се нечии родители, деца, пријатели и роднини, исто како и ние.Нив вирусот ги нема посебно одбрано, но ние можеме да избираме како ќе се однесуваме кон нив, внимателно и со почит или отуѓено и исклучувачки.

Времето на општествена дистанцираност, за кое не ни знаеме колку може да трае, може да биде време кога во себе одново градиме капацитети за разбирање дека сме општествени битија. Дека без општеството – без неговите видливи и невидливи делови, не постоиме или барем не би можеле долго да опстанеме на планетава. Вирусите 19, 20, 21.... 2819, 2820... брзо ќе не спречат во нашето себично, отуѓено верување дека владееме со неа. Во таа фантазија во која, по правило, сме сами.

*******************************

Феминистката, филозофка и преведувачка Адриана Захаријевиќе една од најактивните феминистки на третиот бран, авторка на книгите „Станување жена“(2010) и „Која е единката?“ (2014) и уредничка на зборникот „Некој рече феминизам?“ (2007, 20008, 2009 и 2012).  Од 2013 работи во Институтот за филозофија и општествена теорија на Универзитетот во Белград, Србија, каде се занимава со политичка филозофија, феминистичка теорија и општествена историја од XIX век.

 

објавено на 18.03.2020 на www.voxfeminae.net

илустрацијата на Gracia Lam е преземена од https://www.nytimes.com/2020/03/23/well/family/coronavirus-loneliness-isolation-social-distancing-elderly.html